Многу размислував за тоа кој збор прв да го кажам денес, и се одлучив за „Колумбија“. А причината, не знам колкумина од вас ја имаат посетено Колумбија, но Колумбија се наоѓа северно од границата со Бразил. Таа е многу убава земја, со необични луѓе, како мене и некои други - (Смеа) - и е населена со неверојатна флора и фауна. Има вода, има сè за да биде совршено место. Но, имаме некои проблеми. Можеби сте чуле за некои од нив. Ние ја имаме најстарата герила во светот. Постои повеќе од 50 години, што значи дека во мојот животен век, никогаш немам доживеано еден ден мир во мојата земја. Овие герилци - а клучната група cе FARC герилците, Револуционерни вооружени сили на Колумбија, тие ја финансираат својата војна преку киднапирања, изнуди, преку трговијата со дрога, преку нелегално копање руда. Има тероризам. Има и случајно паднати бомби. Така што - не е добро. Не е многу добро. ,А,доколку ја видите цената на оваа војна платена со човечки животи, имаме расселено население повеќе од 5,7 милиони жители. Тоа е едно од најбројното расселено население во светот, а, овој конфликт нè чини и повеќе од 220,000 животи. Така што тоа е слично на боливарските војни - одново. Тоа се многу луѓе кои непотребно умреле. Сега сме на средината од мировните преговори, и се обидуваме да помогнеме овој проблем мирно да се разреши, и како дел од тоа, одлучивме да се обидеме со нешто целосно поинакво. Божиќни светилки. Па, божиќни светилки, и вие си велите, за што по ѓаволите ќе зборува овој тип? Ќе зборувам за огромни дрвја кои ги поставивме на девет стратегиски патеки во џунглата, прекриени со божиќни светилки. Овие дрвја ни помогнаа да демобилизираме 331 герилец, околу пет проценти од герилските трупи во тоа време. Дрвјата беа вклучувани ноќе, и имаа знак покрај нив кој гласеше: „Ако може Божиќ да дојде во џунглата, и ти можеш да дојдеш дома. Демобилизирај се. Сè е возможно на Божиќ.“ Па, како знаеме дека овие дрвја функционираа? Па, добивме 331, што е ок, но, ние исто така знаеме дека не ги виделе многумина герилци, но, знаеме дека многумина герилци слушнале за нив, и го знаеме ова бидејќи постојано зборуваме за демобилизација на герилците. Дозволете ми да ве одведам 4 години пред ова со дрвјата. Четири години пред ова со дрвјата, Владата ни пристапи за да им помогнеме да смислат комуникациска стратегија за да извлечеме што е можно повеќе герилци надвор од џунглата. Владата имаше воена стратегија, имаше правна стратегија, имаше и политичка стратегија, но рече „Ние баш и немаме комуникациска стратегија, а веројатно би било добро да имаме.“, па одлучивме веднаш да се вклучиме во ова, затоа што е можност да се влијае врз резултатот од конфликтот со тоа што може да го направиме, со алатките кои ги поседуваме. Но, ние не знаевме многу за тоа. Не разбиравме дека во Колумбија, ако живеете во градовите, вие сте многу далеку од местото каде што се случува војната, па и не ја разбирате многу, и ја замоливме Владата да ни даде пристап до колку што е можно повеќе демобилизирани герилци. И зборувавме со околу 60-тина од нив, пред да почувствуваме дека целосно сме го сфатиле проблемот. Ние зборувавме за - тие ни кажаа зошто им се приклучиле на герилците, зошто ги напуштиле герилците, кои биле нивните сништа, какви биле нивните фрустрации, и од тие разговори дојдовме до основната идеја која ја предводеше целата оваа кампања, а која вели дека герилците се затвореници на своите организации, колку што се и луѓето кои ги држат како заложници. И на почетокот, ние бевме доста погодени од овие приказни, бевме доста воодушевени од овие приказни, и мислевме дека можеби најдобриот начин да се зборува со герилците е да се натераат да зборуваат едни со други, па снимивме околу стотина различни приказни во текот на првата година, и ги поставивме на радио и телевизија за герилците во џунглата да можат да слушнат приказни, нивните приказни, или приказни слични на нивните, и кога ги слушнаа, одлучија да излезат. Сакам да ви раскажам една од овие приказни. Личноста која ја гледате тука е Џовани Андрес. Џовани Андрес имаше 25 год. кога е направена фотографијата. Тој бил седум години со герилците и скоро се имаше демобилизирано. Неговата приказна е следна: тој бил регрутиран кога имал 17, и по некое време, во неговата ескадрила била регрутирана една убава девојка, и тие се заљубиле. Нивните разговори биле за тоа какво ќе им биде семејството, кои имиња ќе ги одберат за децата, каков ќе им биде животот кога ќе ја напуштат герилата. Но, испадна дека љубовта е строго забранета во пониските герилски ранкови, па нивната романса била откриена и тие биле одвоени. Тој бил испратен многу далеку, а таа била оставена таму. Таа била доста запознаена со територијата, па така, една вечер, додека била на стража, си заминала, отишла во армијата, се демобилизирала, и таа беше едно од лицата со кои имавме среќа да разговараме, и бевме навистина трогнати од нејзината приказна, па направивме радио-спот, и излезе дека, сосема случајно, многу далеку, многу, многу километри северно, тој ја слушнал на радио, и кога ја слушнал на радио, си рекол: „Што правам јас овде? Таа имала храброст да излезе. И јас морам да го направам истото.“ И го направил. Пешачел два дена и две ноќи, го ризикувал животот и излегол, и единствената работа која ја сакал е да ја види неа. Единствената работа во неговиот ум била да ја види неа. Според приказната, тие навистина се сретнале. Знам дека се прашувате дали се сретнале. Тие се сретнале. Таа била регрутирана на 15, а заминала на 17, па имало и многу други компликации, но на крајот, се сретнале. Не знам дали и сега се заедно, но можам да дознаам. (Смеа) Но, тоа што можам да ви го кажам е дека нашата радио-стратегија функционираше. Проблемот беше во тоа што функционираше во пониските ранкови на герилата. Не фукционираше кај командирите, луѓето кои е потешко да се заменат, зашто лесно можете да регрутирате, но не можете да допрете до постарите командири. Па си помисливме, ќе ја користиме истата стратегија. Ќе имаме командири кои ќе зборуваат со командирите. Дури и отидовме дотаму што ги замоливме поранешните командири од герилата да летаат во хеликоптери со микрофони кажувајќи им на луѓето кои порано се бореле со нив: „Има подобар живот надвор од ова.“ „Добро ми оди.“, „Ова не вреди.“, итн. Но, како што можете да замислите, беше многу лесно да ни се спротивстават, затоа што - што имаше герилата да каже? „Да, секако, ако не го направи тоа, ќе биде убиен.“ Па беше лесно, одеднаш бевме оставени без ништо, затоа што герилците ја ширеа приказната дека сето тоа се прави, затоа што ако не го направат, тие се во опасност. И некој, некоја брилијантна личност во нашиот тим, се врати и рече, „Знаете што забележав? Заабележав дека околу Божиќ, демобилизацијата има поголем пораст откако е почната војнава.“ И тоа беше неверојатно, затоа што тоа нè наведе да сфатиме дека треба да зборуваме со човечкото суштество, не со војникот. Требаше да отстапиме од зборувањето во однос влада - војска, војска - војска, и потребно беше да зборуваме за универзалните вредности, и потребно ни беше да зборуваме за човечноста. И тогаш се случи божиќното дрво. Оваа слика тука, гледате, тоа е планирањето на божиќните дрвја а тој човек кој го гледате таму со трите ѕвезди, тој е капетан Хуан Мануел Валдез. Капетанот Валдез беше првиот високо-рангиран службеник кој ни даде хеликоптери и потребната поддршка за да ги поставиме овие божиќни дрвја, на таа средба тој рече нешто што никогаш нема да го заборавам. Рече: „Сакам да го направам ова затоа што дарежливоста ме прави посилен, ги прави моите луѓе да се чувствуваат посилни.“ И доста сум чувствителен кога ќе се сетам на него, затоа што подоцна беше убиен во борба и навистина ни недостига, но сакав да го видите, затоа што тој беше многу, многу значаен. Тој ни ја даде сета потребна поддршка да ги поставиме божиќните дрвја. Подоцна герилците кои излегоа за време на операцијата со божиќните дрвја рекоа: „Тоа е многу добро, божиќните дрвја се многу кул, но, знаете што? Ние не пешачиме повеќе. Ги употребуваме реките.“ Па, реките се автопатите на џунглата, и ова е нешто кое го научивме, и поголемиот дел од регрутирањето беше правено во и околу речните села. Па, отидовме во овие села, и ги запрашавме луѓето, и најверојатно некои од нив беа непосредни познаници на герилците. Ги запрашавме: „Можете ли да им испратите порака на герилците?“ Собравме повеќе од 6,000 пораки. Некои од нив беа белешки кои велеа „Излезете“. Некоибеа играчки. Некои беа слатки. Луѓето дури го вадеа својот накит, нивните малечки крстови и религиски предмети, и ги ставаа во пловечките топки кои ги испраќавме долж реките, за да можат да бидат соберени ноќе. И, испративме илјадници од нив долж реките, а потоа ги збиравме аконе беа собрани. Но, многу од нив беа собрани. Во просек, вака се постигна демобилизација на секои шест часа, што беше неверојатно и ја носеше пораката: „Дојди дома за Божиќ“. Потоа следуваше мировниот процес, и кога тој започна, целосното размислување на герилците се промени. А, се промени затоа што те наведува да помислиш: „Па, ако постои мировен процес, ова најверојатно ќе заврши. Некогаш ќе излезам.“ И нивните стравови целосно се сменија, и нивите стравови не беа за тоа „Дали ќе бидам убиен?“, туку за тоа „Дали ќе бидам отфрлен? Кога ќе излезам од ова, дали ќе бидам отфрлен?“ Така, минатиот Божиќ, ние запрашавме - ние најдовме 27 мајки на герилци, и ги замоливме да ни дадат слики од нивните деца, на кои само тие можат да се препознаа за да не ги изложуваме на опасност, и ги замоливме да ни ја дадат најмајчинскката порака што постои а, таа е: „Пред да станеш герилец, беше мое дете, дојди си дома, јас те чекам.“ Можете да ги видите сликите тука. Ќе ви покажам неколку. (Аплауз) Ви благодарам. Овие слики беа поставени на многу различни места, и многумина од нив се вратија, и тоа беше навистина прекрасно. И, тогаш одлучивме да работиме со општеството. Така го направивме тоа со мајките околу Божиќ. Сега ајде да зборуваме за останатите луѓе. Можеби знаете за ова, или пак не, но имаше Светски Куп годинава, и Колумбија одигра доста добро, тоа беше момент на единство за Колумбија. А, тоа што го направивме ние - им рековме на герилците: „Дојди, излези од џунглата. Ти чуваме место.“ Ова беше на телевизија, беше сосема поинаков вид на медиум кој вели: „Ти чуваме место.“ Војникот на рекламата тука вели: „Ти чувам место токму тука, во овој хеликоптер, за да можеш да излезеш од џунглата и да уживаш во Светскиот Куп.“ Поранешни фудбалери, радио-изведувачи, сите чуваа место за герилците. Откако почнавме да го работиме ова пред повеќе од осум години, се демобилизираа повеќе од 17,000 герилци. Јас не -- (Аплауз) Ви благодарам. Јас никако не сакам да кажам дека е така поради она што ние го правиме, но тоа што го знам е дека нашата работа и тоа што го правиме можеби им помогна на многумина да почнат да размислуваат за демобилизација, и можеби им помогна на многумина да ја донесат конечната одлука. Доколку е вистина, рекламата сеуште е една од најмоќните алатки за промена која ни е достапна. И тоа не го кажувам само во мое име, туку во име на сите колеги кои ги гледам тука, а кои работаат со реклами, и во името на целиот тим кој работеше со мене за да се изведе ова, дека - ако сакате да го промените светот, или ако сакате да има мир, ве молиме јавете се. Би сакале да помогнеме. Ви благодарам. (Аплауз)