Јас предавав долго време, и за тоа време стекнав вистинско знаење за децата и учењето кое навистина би сакала што повеќе луѓе да го разберат за потенцијалот на учениците. Во 1931 година, мојата баба -- доле лево за сите Вас од другата страна -- го завршила училиштето во осмо одделение. Таа одела на училиште за да ги добие информациите бидејќи од таму се добивале информациите. Тие биле во книгите, во главата на учителите, и морала да оди таму за да ги добие информациите, бидејќи така се учело. Една генерација подоцна: Ова е училиште со една училница, Oak Grove, каде мојот татко одел на училиште. И тој исто така морал да патува до училиштето за да ги добие информациите од учителот, и да ги зачува во единствената пренослива меморија која ја имал, во неговата глава, и ја носел со себе, бидејќи така информациите биле пренесувани од учителот до ученикот а потоа се користеле во животот. Кога јас бев дете, имавме комплет енциклопедии во нашата куќа. Биле купени истата година кога сум се родила, и тие беа извонредни, бидејќи не морав да одам во библиотеката за да се стекнам со информации; информациите беа во мојата куќа и тоа беше прекрасно. Ова беше различно од искуството на претходната генерација, и го промени начинот на кој јас се однесувам кон информациите дури и во најмала смисла. Но информациите беа поблизу до мене. Јас имав пристап до нив. Во времето кое измина од периодот кога бев ученичка во средно училиште до периодот кога започнав да предавам, може да се види почетокот на интернетот. Токму кога интернетот започна да се користи како образовно средство, се отселив од Висконсин и се преселив во Канзас, во малото гратче Канзас, каде имав прилика да предавам во едно убаво и мало градско рурално училиште во Канзас, каде го предавав мојот омилен предмет, Американска влада. Првата година -- супер посакувано -- го предавав предметот Американска Влада, го сакав политичкиот систем. Децата во 12-то оделение: не беа толку големи ентузијасти за американскиот владин систем. Година втора: научив неколку работи -- морав да ја променам тактиката. И им претставив едно реално искуство кое им овозможи да научат за себе. Не им кажав што да направат, ниту како да го направат. Им претставив еден проблем, кој беше да постават изборен форум за нивната заедница. Тие изработија летоци, се јавува во канцеларии, закажуваа термини, се среќаваа со секретари, изработија прирачник за изборен форум за целиот град да дознае повеќе за нивните кандидати. Тие поканија секого во училиштето на едновечерна дебата за владата и политиката и дали улиците биле добри или не, и навистина се здобија со многу силно учење од искуство. Постарите учители -- поискусните -- ме погледнуваа и велеа, "Ох, ене ја. Тоа е баш симпатично. Таа се обидува да го направи тоа." (Смеење) "Таа не знае во што се вовлекува." Но знаев дека децата ќе се појават. И верував во тоа. И секоја седмица им кажував што очекував од нив. И таа вечер, сите 90 деца -- се облекоа соодветно, ја вршеа својата работа, ја водеа. Јас само седев и гледав. Сè беше нивно. Сè беше искуствено. Сè беше автентично. Тоа многу им значеше. И тие ќе напредуваат. Од Канзас, се преселив во прекрасната Аризона, каде во Флегстаф предавав со години, овојпат на средношколци. За среќа не морав да им предавам за Американската Влада. Имав прилика да им предавам за поинтересни теми од географија. И повторно, возбуда за учење. Но она што беше интересно за ова работно место кое самата го најдов во Аризона, е што имав навистина невообичаена еклектична група деца со која работев во вистинско јавно училиште. И имаше денови кога добивавме вакви можности. А една од тие можности беше кога отидовме да го запознаеме Paul Rusesabagina, тоа е господинот врз кого е базиран филмот "Хотел Руанда". И тој требаше да одржи говор во соседното училиште. Можевме да отидеме пешки до таму; не моравме ниту автобус да плаќаме. Немавме никакви трошоци. Идеално патешествие. Проблемот кој се појави е како да натераш седмо и осмо одделенци да зборуваат за геноцид и да се справат со темата на начин кој е одговорен и за почит, и да знаат како да се справат со тоа. И ние избравме да одиме да го гледаме Paul Rusesabagina како пример за еден господин кој се посветил да го искористи неговиот живот да стори нешто позитивно. Потоа ги натерав децата да идентификуваат некого од нивниот живот, или во нивното минато, или во нивниот свет, за кого би можеле да кажат дека направил нешто слично. Побарав да креираат краток филм за тоа. Тоа беше прв пат да го правиме тоа. Никој не знаеше како се прават кратки филмови на компјутер. Но се нафатија. И ги замолив да го искористат својот глас во него. Тоа беше најпрекрасниот момент на откровение кога ќе ги замолите децата да го користат нивниот глас и ќе ги замолите да зборуваат за себе си, за она што сакаат да го споделат. Последната точка од задачата беше: како планирате да го искористите вашиот живот за да влијаете позитивно на други луѓе? Нештата кои децата ќе ги кажат кога ќе ги прашате и седнете да ги слушате се извонредни. Премотуваме напред до Пенсилванија, каде се наоѓам и ден денес. Предавам на Научната Академија за Лидерство, кое е партнерско училиште со институтот Френклин и училишната област во Филаделфија. Ние сме девет од вкупно дванаесет јавни училишта, но во училиштето работиме малку поразлично. Се преселив таму најмногу за да бидам дел од образовна средина која го потврдила начинот на кој знаев дека децата учат, и која навистина сакаше да испитува што сè е можно кога имате волја да напуштите некои од парадигмите од минатото, од информативниот мрак кога баба ми одела на училиште и кога татко ми па дури и кога јас одев на училиште, се до моментот кога имаме наплив од информации. Па што правите кога информациите се секаде околу вас? Зошто децата сеуште одат на училиште кога тие повеќе не мора да одат таму за да ги добијат информациите? Во Филаделфија ние имаме програма лаптоп за секое дете, па децата го носат својот лаптоп секој ден, го враќаат дома, имаат постојан пристап до информациите. И она на што треба да се навикнете кога сте ја дале алатката за да им ги овозможите информациите на студентите, е дека треба да го прифатите и фактот што дозволувате децата да згрешат како дел од процесот на учење. Токму сега се справуваме во образовната сфера со заљубеноста во културата на еден точен одговор кој може случајно да биде погоден на просечен тест со неколку можни решенија, и овде сум за да споделам со вас, дека тоа не е учење. Најголемата грешка која може да ја побарате е, да им кажете на децата никогаш да не грешат. Да побарате од нив секогаш да го даваат точниот одговор не им овозможува да учат. Така започнавме со еден проект, а ова е еден од резултатите на проектот. Јас речиси никогаш не ги прикажувам токму поради делот за идејата за неуспех. Моите ученици ги креираа овие инфо-цртежи како резултат од лекцијата која ја работевме на крај на годината врзано со истекувањето на нафтата. Побарав да ги земат примерите кои ги гледавме од инфо-цртежите кои постоеја во повеќето јавни медиуми, и да погледнат кои се нивните интересни компоненти, и да направат една за самите нив од друга катастрофа направена од човек во американската историја. Добија одредени насоки како да го направат тоа. Малку им беше непријатно поради тоа, затоа што им беше првпат, и тие не знаеја точно како треба да го направат. Тие знаат да говорат -- многу течно, и можат да пишуваат, многу, многу добро, но барањето да ги искомуницираат идеите на поинаков начин беше малку непријатно за нив. Им дадов доволно простор за да ја завршат работата. Креирајте. Откријте како. Да видиме што можеме да сториме. И ученикот кој постојано ги креираше најдобрите визуелни ефекти не не разочара. Ова беше завршено за два или три дена. И ова е резултатот од ученикот кој го стори токму тоа. И кога седнав со учениците, ги прашав, "Кој беше најдобар?" Веднаш одговорија, "Ене го." Не прочитав ништо. "Ене го." И реков, "А што го прави најдобар?" А тие, "Дизајнот е добар, а и користи добра боја. А исто така... " И тие ми го прераскажаа целото доживување. И реков, "Ајде прочитајте го." А тие, "Ова и не е толку добро." И потоа преминавме на друг -- немаше многу добар визуелен приказ, но содржеше одлични информации -- и потрошивме еден час зборувајќи за процесот за учење, бидејќи не се работеше дали е перфектен или не, ниту дали тоа беше она што можевме да креираме; се бараше од нив да креираат за самите себе. И им дозволив да погрешат, да го процесираат тоа, да научат од него. И кога ќе ја повториме истата постапка со мојот клас оваа година, тие ќе бидат подобри. Бидејќи учењето треба да вклучи и одредени грешки, бидејќи грешките даваат насоки во процесот. Постојат илјадници слики кои можам да ви ги прикажам овде, и морав да изберам внимателно -- ова е една од омилените -- од ученици кои учат, и како учењето може да изгледа во природа каде ја напуштивме идејата дека децата треба да дојдат на училиште за да ги добијат информациите, наместо тоа, прашајте ги што можат да сторат со нив. Поставете им навистина интересни прашања. И нема да ве разочараат. Нека одат на одредени места, за да ги видат работите самите, за да го искусат учењето, да играат, да прашуваат. Ова е една од моите омилени фотографии, бидејќи е сликана во вторникот, кога ги испратив на гласачките места. Ова е Роби, и ова е неговиот прв ден од гласањето, и тој сакаше тоа да го сподели со сите и тоа и го прави. Но ова е учење, исто така, бидејќи ги испративме во реални ситуации. Главната поента е дека, доколку и понатаму гледаме на образованието како на одење на училиште за да ги добиеме информациите а не како експериментално учење, возвишувајќи го гласот на ученикот и поттикнувајќи ги грешките, сме ја промашиле целта. И сето она за што се зборува денес не е можно доколку го задржиме образовниот систем кој не ги вреднува овие квалитети, бидејќи нема да дојдеме до тоа преку стандардизиран тест, и нема да се стекнеме со култура на еден точен одговор. Ние знаеме како да го подобриме, и време е да го подобриме. (Аплауз)