Како и многумина од вас, јас сум една од среќните луѓе. Бев родена во семејство каде образованието беше влијателно. Јас сум трета генерација докторанд, ќерка на двајца академици. Во детството си играв во универзитетската лабораторија на татко ми. Па така, се подразбираше дека ќе посетувам некои од најдобрите универзитети кои за возврат ми ја отворија вратата кон свет од можности. За жал, повеќето луѓе во светот не се толку среќни. Во некои делови од светот, на пример Јужна Африка, образованието не е лесно достапно. Во Јужна Африка, образовниот систем бил создаден за време на апартхејдот и притоа бил наменет за белото малцинство. И како последица, денес нема доволно места за повеќето луѓе кои сакаат и заслужуваат висококвалитетно образование. Овој недостаток доведе до криза во јануари оваа година на Универзитетот во Јоханесбург. Имаше останато неколку слободни места после стандардниот приемен процес и ноќта пред да бидат отворени за аплицирање, илјадници луѓе се наредија надвор пред портата во колона една милја долга, имајќи намера да бидат први во редот со цел како би дошле до едно од местата. Кога се отворија вратите, имаше човечко стампедо и 20 луѓе беа повредени, а една жена почина. Таа беше мајка која го даде својот живот обидувајќи се да му овозможи на својот син прилика за подобар живот. Но, дури и во делови од светот како САД, каде образованието е достапно, можно е да не биде на дофат. Многу се дискутираше во последните неколку години за зголемувањето на трошоците за здравствена заштита. Тоа што не е толку очигледно за луѓето е дека во текот на истиот период, цената на високото образование се зголемуваше речиси двојно побрзо, т.е. за 559 проценти споредено со 1985 година. Поради ова многу луѓе не можат да си дозволат образование. Најпосле, дури и оние кои успеваат да се стекнат со високо образование, сепак сите тие не добиваат еднакви можности. Само малку повеќе од половина од скорешните дипломци во САД кои се стекнале со високо образование всушност работат на работни места кои го бараат тоа образование. Ова секако не е точно за студентите кои дипломираат на врвните институции но, многу други не ги чувствуваат благодетите од времето и трудот кои ги вложиле. Том Фридман, во својата неодамнешна статија во Њујорк Тајмс го опфати, на еден уникатен начин, духот во основата на нашиот труд, Тој рече дека големите откритија се она што се случува кога тоа што е одеднаш можно го пресретнува тоа што е очајно потребно. Зборував за тоа што е очајно потребно. Ајде да зборуваме за тоа што е можно одеднаш. Тоа што е можно одеднаш беше демонстрирано од три големи наставни предмети на Стенфорд, на кои се имаа запишано по 100.000 луѓе или повеќе. Па така, за да го разбереме ова, ајде да погледнеме еден од тие предмети, т.е. оној по Машинско учење кој го предава мојот колега и ко-основач Ендру 'Нг. Ендру предава еден од позначајните предмети на Стенфорд. Тоа е предметот по Машинско учење и секој пат кога ќе се отворат уписите на него се запишуваат по 400 луѓе. Кога Ендру предаваше Машинско учење на пошироката јавност, тогаш се имаа пријавено 100.000 луѓе. Па, за да се стави тој број во перспектива, за Ендру да го достигне истиот број на публика преку предавање само во рамки на Стенфорд, тој би требало да го прави тоа во наредните 250 години. Секако, би му здосадило. Значи, согледувајќи го влијанието од ова, Ендру и јас решивме дека сето ова мораме да го кренеме на повисоко ниво, сè со цел како би им овозможиле најквалитетно образование на што повеќе луѓе. Па така, ја формиравме Курсера, чија цел е да се земат најдобрите наставни предмети од најдобрите предавачи на најдобрите универзитети и ова да им го понудиме на сите во светот бесплатно. Моментално имаме 43 предмети на платформата од 4 универзитети со различен опсег на дисциплини, и дозволете ми да ви покажам еден мал преглед за тоа како изгледа ова. Роберт Грист: Добредојдовте на Калкулус. Езекиел Емануел: Педесет милиони луѓе се неосигурани. Скот Пејџ: Овие модели ни помагаат да дизајнираме поефективни институции и политики. Постои неверојатна сегрегација. Скот Клемер: Значи Буш замисли дека во иднина, вие би носеле камера на средина од главата. Мичел Данејер: Милс сака студентот по социологија да го развие квалитетот на умот... Р.Г.: Висечкиот кабел добива форма на хиперболичен косинус. Ник Парланте: За секој пиксел на сликата, поставете ја црвената на нула. Пол Офит: ...вакцината ни овозможи да го елиминираме вирусот на детска парализа. Ден Џурафски: Дали Луфтханза служи појадок и Сан Хозе? Па, тоа звучи смешно. Дафне Колер: Значи ова е која паричка ќе ја одберете, а ова се двете фрлања. Ендру 'Нг: Значи кај машинското учење-на макро ниво, ние би сакале да дојдеме до компјутерски... (аплауз) Се чини дека, можеби и не е изненадувачки, студентите сакаат да ја добијат најдобрата содржина од најдобрите универзитети бесплатно. Откога ја отворивме веб-страната во февруари, досега имаме 640.000 студенти од 190 земји. Имаме 1,5 милиони уписи, 6 милиони тестови се поднесени за евалуација во рамки на 15-те предавања кои досега започнаа и имаме 14 милиони прегледани видеа. Но, не се работи само за броевите, тука и за самите луѓе. Било да е тоа е Акаш, кој доаѓа од мал град во Индија и никогаш не би имал пристап во овој случај до квалитетен Стенфордски курс и никогаш не би можел да си го дозволи. Или Џени, која е самохрана мајка на две деца и сака да ги подобри своите вештини за да може да ја доврши својата магистратура. Или Рајан, кој не може да оди на училиште, поради слабиот имунитет кој го има неговата ќерка, тој не смее да ризикува да внесе бактерии во куќата, и затоа не смее да излегува надвор. Навистина ми е мило да кажам дека... неодамна, си пишавме со Рајан -- и дека оваа приказна има среќен крај. Малата Шенон, можете да ја видите од лево, е многу подобро сега и Рајан доби работа посетувајќи некои од нашите курсеви. Што ги прави овие курсеви толку различни од другите? Бидејќи сепак, разни онлајн предавања се присутни веќе одредено време. Разликата се состои во тоа што овие курсеви се како вистинска настава. Започнуваат на определен ден, а потоа студентите гледаат видеа на неделна основа и работат домашни задачи. И овие се вистински домашни задачи за вистинска оценка, со вистински краен рок. Можете графички да ги видите роковите и употребата на материјалот. Овие шилци покажуваат дека одолговлекувањето е глобален феномен. (смеа) И на крајот од овој курс, студентите добиваат сертификат. Тие можат да го прикажат тој сертификат на иден работодавач и да добијат подобра работа и ние знаеме многу студенти кои го направиле ова. Некои студенти го зедоа својот сертификат и го прикажаа во образовната институција во која се запишани и добија (ЕКТС) кредити на факултетот. Значи, овие студенти навистина добиваа нешто значајно за нивниот вложен труд и време. Ајде да зборуваме малку за некои од компoнентите кои се дел од овие курсеви. Првата компонента е дека кога излегувате надвор од ограничувањата на вистинска училница и дизајнирате содржина експлицитно за онлајн формат, тогаш можете да се ослободите, на пример од сувопарното едночасовно предавање. Можете да го поделите материјалот, на пример во овие кратки, тематски единици од 8 до 12 минути, секоја претставувајќи разбирлив концепт. Студентите можат да го поминат овој материјал на различни начини, зависно од нивното минато искуство, нивните вештини или интереси. На пример, некои студенти можат да имаат корист доколку го поминат подготвителниот материјал којшто на другите студенти можеби им е веќе познат. Други студенти можеби се заинтересирани за одредена дополнителна тема која тие би сакале да ја следат индивидуално. Па така, овој формат ни дозволува да скршнеме од едноличните модели на образование и дозволува студентите да следат многу поиндивидуализирана настава. Секако, како едукатори сите ние знаеме дека студентите не учат преку седење и пасивно гледање на видеа. Можеби една од најголемите компоненти на овој напор е дека ние мораме да имаме студенти кои го вежбаат материјалот сè со цел навистина да го разберат. Има огромен број на студии кои ја демонстрираат важноста на ова. Оваа која се појави во списанието Science претходната година, на пример, покажува дека дури и едноставното вежбање на меморијата, каде студентите треба само да го повторат она што веќе го научиле дава значајно подобрени резултати на различни тестови за постигнување, попатно отколку многу други образовни интервенции. Се обидовме да го вметнеме меморискиот тренинг во платформата, а овде секако вклучивме и други видови на вежби. На пример, дури и нашите видеа не се само видеа. На секои неколку минути, видеото паузира и ги прашува студентите некое прашање. (видео) С.П.: ...овие 4 работи. Теорија на можни исходи, хиперболични отстапки, склоност кон избегнување промена, занемарување на основната стапка. Сите тие се добро документирани. Значи сите тие се добро документирани отстапувања од рационалното однесување. ДК: Значи тука видеото паузира, и студентот го внесува одговорот во полето и го испраќа. Очигледно е дека не обрнал внимание. (смеа) Има право пак да проба и овој пат дава точен одговор. Има и опционо објаснување доколку сака. И сега видеото продолжува на следниот дел од предавањето. Ова е вид на едноставно прашање кое јас како предавач можам да го поставам на час но, кога ќе го поставам ваквото прашање на час, 80 проценти од студентите сè уште го запишуваат последното нешто кое сум го кажала, 15 проценти зјапаат во Фејсбук, и тогаш некој од умните глави во првиот ред ќе го каже одговорот пред било кој друг да има шанса да размисли за тоа и јас како предавач сум ужасно благодарна дека некој всушност и го знаел одговорот. И така предавањето продолжува, пред повеќето од студентите и да забележат дека било поставено прашање. Тука, секој студент мора да се внесе во материјалот. И секако овие едноставни мемориски прашања не се крајот на приказната. Мораме да вградиме многу пологични прашања за вежбање, и исто така, на студентите треба да им се дадат повратни информации за тие прашања. Сега, како би ја оцениле работата на 100.000 студенти ако немате 10.000 асистенти? Одговорот е дека треба да користите технологија која ќе го направи тоа за вас. Денес, за среќа, технологијата е напредната и сега можеме да оцениме цел опсег на интересни видови на домашни задачи. Во склоп на прашањата на заокружување и видовите на кратки прашања кои ги видовте во видеото, можеме исто така да оценуваме математика, математички изрази како и математички изводи. Можеме да оценуваме модели, без разлика дали се тоа финансиски модели од наставата по Бизнис или физички модели од предметите Наука и Инженерство, и можеме да оценуваме некои доста софистицирани задачи по програмирање. Дозволете ми да ви покажам еден кој е навистина едноставен но, доста сликовит. Ова е од часот на Стенфорд по Компјутерско инженерство 101 и студентите треба да ја корегираат бојата на матната црвена слика. Го пишува програмскиот код во пребарувачот и гледате дека нешто не е во ред, "Lady Liberty" сеуште има морска болест. И така студентот се обидува повторно и овој пат е во право, го известуваме за тоа, и сега може да продолжи на следната задача. Оваа способност да комуницирате активно со материјалот и да ви кажат кога сте погодиле или погрешиле е од суштинско значење за напредокот на студентите. Сега, се разбира сè уште не можеме да ги оценуваме сите задачи кои се потребни за сите предмети. Поточно, недостасува вежбање во областа на критичкото размислување кое е суштинско во такви дисциплини како што се општествените науки, бизнисот и други. Па така, се обидовме да убедиме дел од наставниот кадар за општествени науки дека прашањата на заокружување не се толку лоша стратегија. Тоа не помина многу добро. Па, затоа моравме да смислиме ново решение. И решението до кое стигнавме е користење на меѓусебно (врсничко) оценување. Излегува дека претходните истражувања покажуваат, како ова од Седлер и Гуд, дека меѓусебното (врсничко) оценување е изненадувачки ефективна стратегија за обезбедување на релијабилни оценки. Беше испробано само во мали класови но, се покажа дека оценките на y-оската кои се доделени од самите студенти всушност многу добро корелираат (се поклопуваат) со оценките на x-оската кои се доделени од професорите. Уште позачудувачки е тоа дека само-оценките, каде студентите критички ја оценуваат својата работа -- се додека соодветно ги поттикнувате и наградувате, бидејќи во спротивно тие би си дале совршена оцена - - уште подобро корелираат со оценките дадени од страна на професорите. Значи ова е ефективна стратегија за оценување доколку имате голем број на луѓе, и исто така е корисна стратегија за учење за самите студентите, бидејќи тие всушност учат од самото искуство. Значи сега го имаме најголемиот врснички систем за меѓусебно оценување некогаш создаден, каде десетици илјади студенти се оценуваат едни со други и притоа сосем успешно, морам да кажам. Но, ова не е само за студенти кои седат во својата дневна соба и работат на задачите. Околку секој од нашите курсеви, се оформија заедници од студенти, глобална заедница на луѓе собрана околу заеднички интелектуален поход. Тоа што гледате овде е само-генерирана мапа од студенти на нашиот курс по Социологија 101 од Принстон, при што тие самите себе се поставија на светската мапа, на која вистински може да се види глобалниот опсег од ваквиот труд. Студентите соработуваат на овие курсеви на најразлични начини. Пред сè, има форум за прашања и одговори, каде едни студенти поставуваат прашања, а други студенти одговараат на тие прашања. И она што е навистина неверојатно е тоа што, поради големиот број студенти, дури и кога некој студент ќе поставеше прашање во 3 часот наутро, некаде во светот, ќе се најдеше некој којшто е буден и којшто работи на истиот проблем. И така, на многу од нашите курсеви просечното време за одговарање на некое прашање во рамките на форумот за прашања и одговори е 22 минути. Што не е ниво на услуга што некогаш сум ја понудила на моите студенти од Стенфорд. (смеа) Од препораките на студентите можете да видите оти нивното гледиште всушност е дека поради оваа голема онлајн заедница, тие можат да комуницираат меѓусебно на многу начини кои се позначајни отколку оние кои ги имале во контекст на вистинска училница. Студентите исто така самостојно се собираа, без никаква помош од наша страна, во мали групи за учење. Некои од овие беа вистински групи за учење формирани во рамки на географската ограниченост и се среќаваа неделно за да работат на задачите. Ова е групата за учење од Сан Франциско но, вакви групи има насекаде во светот. Други беа виртуелни групи за учење, понекогаш според јазични или културолошки линии, и таму долу лево, се гледа нашата мултикултурна универзална група за учење во која луѓето отворено пројавија интерес да се поврзат со луѓе од други култури. Постојат огромни можности од ваквиот начин на учење. Првата е дека има потенцијал да ни даде еден целосно уникатен поглед во начинот на кој го усвојуваме знаењето. Бидејќи податоците кои ги добиваме од овде се уникатни. Во предвид може да го земете секој клик, секоја домашна задача, секој пост во форумот од десетици илјади студенти. Оттука, изучувањето на човечкото учење, може да премине од модалитет базиран на хипотези во модалитет базиран на податоци, трансформација која на пример, ја има преобразено биологијата. Овие податоци можат да се користат за да се разберат основни прашања како, кои се добрите стратегии за учење кои се ефективните наспроти оние кои не се? И во контекстот на одредени курсеви, можете да поставите прашања како, кои се некои од почестите погрешни сфаќања и како да им помогнеме на студентите да ги поправат? Еве еден таков пример, исто така од часот по Машинско учење на Ендру. Ова е распределба на погрешни одговори за една од домашните зададени од Ендру. Одговорите се разни парови на броеви, кои можете да ги внесете на овој дводимензионален нацрт. Секој од овие мали иксови кои ги гледате претставува погрешен одговор. Големиот икс горе лево е каде 2.000 студенти дале ист погрешен одговор. Сега, ако двајца студенти во клас од 100 дадат ист погрешен одговор, никогаш не би забележале. Но, кога 2.000 студенти ќе дадат ист погрешен одговор некако е тешко, а да не забележите. Така Ендру и неговите студенти, погледнаа некои од тие домашни ја увидоа главната причина за недоразбирањето и тогаш напишаа порака која се однесуваше на оваа грешка, порака која ќе му биде испратена на секој студент чијшто одговор влегол во таа категорија, што значи дека студентите кои ја направиле истата грешка сега би добиле персонализирана повратна информација кажувајќи им како да ја исправат грешката поефективно. Значи оваа персонализација е нешто што може да се направи благодарение на големите броеви. Персонализацијата е можеби една од најголемите можности тука, бидејќи ни дава потенцијал за решавање на еден 30 годишен проблем. Истражувачот на образованието Бенџамин Блум, во 1984 година, го постави таканаречениот 2 сигма проблем, кој го забележал преку проучување на три популации. Првата популација учела на начин базиран на класично предавање. Втората популација на студенти учеле на начин базиран на класично предавање но, со пристап за усовршување, на тој начин што студентите ќе преминат на следната тема под услов доколку покажат разбирање на претходната. И на крај, имало трета популација на студенти кои биле подучувани еден на еден од страна на тутор. Резултатите на студентите сугерираат дека групата базирана на усовршување била подобра за цела стандардна девијација т.е. сигма во споредба со групата базирана на класично предавање а, индивидуалното туторство ви дава подобрување на резултатите од 2 сигма. За да разбереме што значи тоа да се осврнеме кон класичното предавање, и ајде да го земеме просечниот резултат како норма. Па така, во групата базирана на класично предавање, половина од студентите се над нормата и половина се под нормата. Кај индивидуалното туторство, 98 проценти од студентите се над оваа норма. Замислете ако би можеле да предаваме на начин што 98 проценти од нашите студенти би биле натпросечни. И затоа ни се јавува 2 сигма проблемот. Бидејќи, како општество, не можеме да си дозволиме на секој студент да му назначиме посебен тутор. Но, можеби ќе можеме на секој студент да му дадеме компјутер или смартфон. Значи прашањето е, како можеме да ја искористиме технологијата да се поместиме од левата страна на графиконот, од сината крива кон десната страна со зелената крива? Усовршувањето е лесно да се постигне користејќи компјутер, затоа што компјутерот не се заморува прикажувајќи го истото видео пет пати. И не се заморува од оценување на истата работа повеќе пати, го видовме тоа во многу од примерите кои ви ги покажав. Дури и персонализацијата е нешто на кое почнуваме да му го гледаме почетокот без разлика дали персонализацијата ќе се изведе преку наставниот план или во вид на персонализирана повратна информација како што ви прикажавме. Нашата цел е да туркаме најсилно што можеме, и да видиме колку далеку можеме да стигнеме на патот кон зелената крива. Па ако ова е толку супер, дали универзитетите се сега застарени? Марк Твен секако мислел така. Тој кажал дека „Колеџот сега е место каде професорските белешки одат право во белешките на студентите, без да поминат низ умот на едните или на другите.“ (смеа) Јас сепак не се сложувам со Марк Твен.. Мислам дека тој не се жалел за универзитетите туку за форматот на кој се базирани предавањата, на што многу универзитети трошат премногу време. Ајде да одиме уште подалеку, до Плутарх кој кажал дека „Умот не е сад на кој му треба полнење, туку дрво кое треба да се запали.“ На универзитетите можеби треба да поминуваме помалку време полнејќи им ги мозоците на нашите студенти со содржина преку предавање, а повеќе време разгорувајќи ја нивната креативност, нивната имагинација и нивните вештини за решавање проблеми преку вистински разговор со нив. Како да го направиме тоа? Тоа го правиме преку активна настава во училницата. Има многу студии, вклучувајќи ја и оваа кои покажуваат дека ако користите активна настава, комуницирање со вашите студенти во училницата, резултатите се зголемуваат на секоја поединечна мерка - на присутност, активност и на учење, притоа сето ова е измерено преку стандардизиран тест. Можете да видите дека резултатот кој говори за постигнувањата речиси се дуплира во овој конкретен експеримент. Можеби на овој начин треба да го поминуваме нашето време на универзитетите. Да резимирам, ако можеме да понудиме висококвалитетно образование за секого во светот бесплатно, до што ќе доведе тоа? До три нешта. Прво ќе се воспостави образованието како основно човечко право, каде секој во светот со својата способност и мотивација ќе може да ги добие потребните вештини за да создаде подобар живот за себе, неговото семејство и неговата заедница. Второ, тоа би овозможило доживотно учење. Штета е што за толку многу луѓе учењето престанува кога ќе завршиме средно училиште или ќе завршиме факултет. Достапноста на оваа неверојатна содржина, ни дава можност да научиме нешто ново секој пат кога ќе посакаме, било само за да го прошириме нашиот светоглед или за да ги смениме нашите животи. И најпосле, ова би овозможило бран на иновации, бидејќи неверојатен талент може да се најде насекаде. Можеби следниот Алберт Ајнштајн или следниот Стив Џобс живее некаде во некое далечно село во Африка. И доколку би можеле на таа личност да ѝ понудиме образование, таа би можела да ја смисли следната голема идеја и да го направи светот подобро место за сите нас. Ви благодарам многу. (аплауз)