Овде сум да зборувам за едно вознемирувачко прашање, кое има исто толку вознемирувачки одговор. Ќе зборувам за тајните на домашното насилство, и ќе се осврнам на прашањето кое сите постојано го поставуваат: Зошто го трпи? Зошто е сè уште со мажот кој ја тепа? Јас не сум психијатар, социјален работник или експерт за домашно насилство. Јас сум само една жена со приказна. Имав 22. Само што дипломирав на Харвард. Се доселив во Њујорк за мојата прва работа како текстописец и уредник во магазинот Севентин. За првпат имав сопствен стан, ја добив мојата прва мала зелена Американ Експрес картичка, и си имав една многу голема тајна. Мојата тајна се состоеше во тоа што, мажот за кој мислев дека ми е сродна душа многу, многу пати ми ставаше пиштол на глава. Човекот кој го сакав повеќе од сè безброј пати ми ставаше пиштол на глава, и ми се закануваше деќа ќе ме убие. Овде сум за да ви ја раскажам приказната за лудата љубов, психолошка стапица маскирана како љубов, замка во која, секоја година, паѓаат милиони жени, а дури и неколку мажи. Ова можеби е, и ваша приказна. Јас не изгледам како некој кој преживеал домашно насилство. Имам диплома по aнглиски од Харвард, магистратура по маркетинг од Вортон факултетот за бизнис. Најголемиот дел од кариерата го поминав работејќи за компании од Форчн 500, тука вклучувајќи ги Џонсон и Џонсон, Лио Барнет и Вашингтон Пост. Со мојот втор сопруг во брак сум веќе 20 години, и имаме три деца. Имам куче од расата црн лабрадор и возам Хонда Одисеј мини-комбе. (Смеа) Оттука, мојата прва порака до вас е дека домашното насилство може да му се случи на секого -- на сите раси, сите религии, на секое економско и образовно ниво. Тоа е насекаде. Мојата втора порака е дека секој мисли оти домашното насилство е проблем само на жените. Не е баш така. Над 85 проценти од злоставувачите се мажи, и домашното насилство се јавува само во интимните, меѓузависни и долготрајни врски, со други зборови, во семејствата, последното место каде би сакале или би очекувале да го најдеме насилството, една од причините поради која домашното насилство е ептен збунувачко. Порано да сте ме прашале, веројатно ќе сум ви кажела дека нема шанси да останам со маж кој ме тепа, но всушност, поради моите години, јас бев одличен пример за тоа како изгледа една жртва. Имав 22, а во Соединетите Држави, жените помеѓу 16 и 24 години се трипати поподложни на домашно насилство во споредба со другите жени, и преку 500 жени и девојчиња кои се на оваа возраст, секоја година, се убивани од нивните насилни партнери, момчиња и сопрузи, само во Соединетите Држави. Бев многу типична жртва и поради тоа што не знаев ништо за домашното насилство, неговите почетни знаци или обрасци. Конор го сретнав во една ладна, и дождлива јануарска ноќ. Седна до мене во њујоршкото градско метро, и почна да ми муабети. Ми кажа две работи. Една беше дека, и тој, само што дипломирал на Ајви Лиг факултетот, и дека работи во една неверојатна банка која се наоѓа на Вол Стрит. Но најголем впечаток ми остави тоа што беше паметен, забавен и изгледаше како фармерско момче. Имаше големи образи, големи јаболкови образи и имаше руса коса, и беше многу сладок. Уште на самиот почеток, Конор одигра многу паметно, односно, создаде илузија дека всушност јас сум доминантниот партнер во врската. Ова го правеше особено на почетокот, на тој начин што ме идолизираше. Почнавме да се забавуваме, а на него му се допаѓаше сè во врска со мене, дека сум паметна, дека сум била на Харвард, дека многу сакам да им помагам на девојчињата, ја сакаше и мојата работа. Сакаше да знае сè за моето семејство, за моето детство, и за моите надежи и соништа. Конор веруваше во мене, како писател и како жена, на начин како никој друг порано. Исто така, на еден магичен начин, создаде огромна доверба помеѓу нас, кажувајќи ми ги неговите тајни, дека кога бил многу мал, уште на четири годишна возраст, бил постојано ѕверски тепан од страна на неговиот очув, и дека злоставувањето било толку сериозно, што морал уште во осмо одделение да го напушти училиштето, и покрај тоа што бил многу паметен, и дека 20 години потрошил обидувајќи се да си го обнови животот. И дека токму поради ова, дипломата од Ајви Лиг, работата на Вол Стрит и неговата светла иднина му значат премногу. Ако тогаш ми кажевте дека овој паметен, забавен, чувствителен маж кој ме обожаваше, еден ден ќе ми наредува дали да носам шминка, колку да ми биде куса сукњата, каде да живеам, што да работам, ќе ми кажува со кого да се дружам и каде да го поминам Божиќ, веројатно ќе ви се изнасмеев, бидејќи кај Конор на почетокот, воопшто немаше знаци на гнев и желба за контрола. Не знаев дека првата фаза во секоја насилна врска е заведување и шармирање на жртвата. Исто така не знаев дека вториот чекор е изолирање на жртвата. Е сега, Конор не ми го кажа тоа на директен начин, "Еј, знаеш, целата оваа Ромео и Јулија приказна беше супер, ама сега морам да преминам во следната фаза кога ќе те изолирам и ќе те злоставувам" - (Смеа) - ''морам да те оттргнам од овој стан за да не слушнат соседите како врескаш, и да те оттргнам од градот во кој имаш пријатели, семејство и соработници кои би ги виделе лузните." Наместо тоа, една петочна вечер Конор си дојде дома, и ми кажа дека морал да ја напушти работата, неговата сакана работа, и рече дека ја напуштил работата поради мене, дека покрај мене се чувствувал толку сигурен и сакан што веќе немал потреба да се докажува на Вол Стрит, и само сакаше да се отселиме од градот подалеку од неговото злоставувачко и дисфункционално семејство, и да отидеме во едно мало градче во Њу Ингланд каде што одново ќе си го започне животот со мене. Е сега, воопшто не сакав да го напуштам Њујорк и мојата прекрасна работа, но од друга страна си мислев дека треба да се жртвуваме за нашите сакани, па така се согласив, ја напуштив работата, и заедно со Конор се отселивме од Менхетн. Немав поим дека ова е луда љубов, дека ќе паднам директно во една внимателно поставена физичка, финансиска и психолошка стапица. Следната фаза од домашното насилство е започнување со заканите за да видите како ќе реагира жртвата. И тому овде пиштолите влегуваат во игра. Веднаш штом се доселивме во Њу Ингланд -- знаете, местото во кое Конор требаше да се чувствува безбедно -- тој си купи три пиштоли. Еден од пиштолите го чуваше во колата. Другиот го чуваше под перниците во нашиот кревет, а третиот постојано го носеше со себе во џеб. И рече дека овие пиштоли му требале поради траумата што ја доживеал уште како мал. Му требале за да се чувствува безбедно. Но овие пиштоли, всушност, беа порака упатена кон мене, и покрај тоа што немаше кренато рака врз мене, сепак животот веќе ми беше во огромна опасност. Конор за првпат физички ме нападна на пет дена пред нашата свадба. Беше 7 наутро. Сè уште бев во ноќница. Работев на мојот компјутер, обидувајќи се да го завршам хонорарниот текст, и тогаш се изнервирав, а Конор го искористи мојот гнев како изговор за да ги стави рацете околу мојот врат и потоа да притисне толку силно што не можев ниту да дишам, ниту да викам. Држејќи ме така тој ми ја удри главата во ѕидот неколку пати. Пет дена подоцна, десетте лузни на мојот врат избледеа, а јас го облеков невестинскиот фустан од мајка ми, и се омажив за него. И покрај тоа што се случи, јас бев сигурна дека понатаму ќе живееме среќно, бидејќи го сакав, а и тој ме сакаше премногу. На него му беше ептен жал. Бил под многу голем стрес поради венчавката, и поради тоа што ќе станел семејство со мене. Тоа беше изолиран инцидент, и рече дека никогаш повеќе нема да ме повреди. Ме нападна уште двапати за време на медениот месец. Првиот пат, возев барајќи некоја затскриена плажа, и се изгубив, а тој толку силно ме удри по глава, што со другата страна неколку пати удрив во возачкиот прозорец. Неколку дена подоцна, враќајќи се од медениот месец, тој се изнервира од сообраќајот, и ме мавна во лице со еден ладен Биг Мак хамбургер. Конор продолжи да ме тепа еднаш или два пати неделно во текот на следните две и пол години од нашиот брак. Си мислев дека ова само мене ми се случува, но не бев во право. Една на секоја три жени во Америка е жртва на домашно насилство или демнење во одреден период од животот, а извештајот на СиДиСи вели дека 15 милиони деца се злоставувани секоја година, 15 милиони. Што значи дека сум била во многу добро друштво. Да се навратам на прашањето: Зошто останав со него? Одговорот е лесен. Не знаев дека ме злоставува. Иако ми ставаше пиштоли на глава, иако ме туркаше надолу по скалите, се закануваше дека ќе го убие кучето, ги вадеше клучевите од колата додека возев по автопатот, ми истураше мелено кафе врз глава додека се облекував за работно интервју, јас ниту еднаш за себе не помислив дека сум жртва. Наместо тоа, јас бев многу силна жена која е заљубена во човек со многу проблеми, и си мислев дека само јас можам да му помогнам на Конор да се соочи со неговите демони. Другото прашање што сите го поставуваат е, зошто едноставно не си замине? Зошто не избега? Можев да си заминам во секое време. За мене, ова е најтажното и најболното прашање што ми го поставиле, бидејќи ние жртвите знаеме нешто што вие вообичаено не го знаете: Ептен е опасно да го напуштите злоставувачот. Бидејќи последната фаза од домашното насилство е убиство на жртвата. Преку 70 проценти од убиствата во рамки на домашното насилство се случуваат откако жртвата ќе ја прекине врската, откако ќе избега, бидејќи тогаш злоставувачот веќе нема што да изгуби. Другите исходи може да бидат долготрајно демнење, дури и кога злоставувачот ќе се прежени; кратење на финансиските средства; и манипулирање на семејниот судски систем за да ја преплаши жртвата и нејзините деца, кои постојано се приморувани од страна на судиите да поминуваат, без надзор, одредено време со мажот кој ја тепал нивната мајка. И пак прашуваме, зошто едноставно не си замине? Јас успеав да си заминам, заради последното садистичко тепање кое конечно ме освести. Сфатив дека мажот кој го сакам, на крај веројатно ќе ме убие ако му дозволам. Па така му ставив крај на молкот. Им кажав на сите: на полицијата, на соседите, пријателите и семејството, на луѓе што не ги знаев, и денес сум овде бидејќи сите вие ми помогнавте. Честопати ги стереотипизираме жртвите, им лепиме негативни етикети, мазохистичка жена, потрошна роба. Прашањето, "Зошто е сè уште со него?" за некои луѓе значи, "Нејзина вина е што сè уште е со него," божем ние, жртвите, намерно се вљубуваме во мажи кои сакаат да нè уништат. Но откако ја објавив "Луда Љубов," слушнав стотици приказни од мажи и жени кои успешно се справиле, кои научиле една бесценета животна лекција од она што им се случило, и кои си ги обновиле животите -- радосни, среќни животи -- како вработени, жени и мајки, животи без насилство, токму како мене. Бидејќи се испостави дека јас сум, всушност, еден многу типичен пример на жртва, на некој кој преживеал домашно насилство. Се премажив за еден пријатен и нежен маж, и со него имаме три деца. Како што реков, си имам црн лабрадор и мини-комбе. Но повеќе нема да имам, никогаш, пиштол на мојата глава, пиштол кој го држи некој кој ми вели дека ме сака. Во моментов, можеби си мислите, "Леле, ова е неверојатно," или, "Леле, колку била глупава," но цело време, јас всушност зборував за вас. Ви гарантирам дека во моментов ме слушаат неколку луѓе кои и самите се жртви на насилство, биле злоставувани како деца, или и самите се злоставувачи. Насилство, токму сега, можеби ја засега вашата ќерка, вашата сестра или вашиот најдобар пријател. Јас и ставив крај на мојата луда љубов, на тој начин што го прекинав молкот. И денес го правам истото. На овој начин им помагам на другите жртви, и за крај имам едно барање до вас. Зборувајте за она што го слушнавте овде. Злоставувањето вирее само во тишина. Вие имате моќ да му ставите крај на домашното насилство едноставно ако фрлите светлина врз истото. Нам жртвите ни требаат сите. Потребно ни е секој од вас да ги разбере тајните на домашното насилство. Разобличете го насилството зборувајќи за истото со вашите деца, вашите соработници, вашите пријатели и семејство. Претставете ги жртвите како прекрасни, сакани луѓе кои имаат иднина пред себе. Препознајте ги раните знаци на насилство, и интервенирајте совесно, спречето го, покажете им на жртвите безбеден излез. Заедно можеме да ги направиме нашите кревети, нашите трепезарии и нашите семејства, безбедни и мирни оази, баш како што и треба да бидат. Ви благодарам. (Аплауз)