Ваквите слики, од концентрациониот логор Аушвиц, се врежаа во нашата свест во текот на 20от век и ни дадоа нов увид во тоа кои сме, од каде сме дојдени и во какви времиња живееме. Во текот на 20от век, бевме сведоци на ѕверствата на Сталин, Хитлер, Мао, Пол Пот, Руанда и други геноциди, и иако 21от век наполни само седум години, веќе сме сведоци на тековниот геноцид во Дарфур и секојдневните ужаси во Ирак. Ова не доведува до заедничко разбирање на нашата состојба, имено: дека модерниот живот ни има донесено ужасно насилство, и можеби дека нашите предци живееле во состојба на хармонија која сме ја напуштиле на наша штета. Еве еден пример од колумна за Денот на благодарноста од весникот Бостон глоуб од пред неколку години, каде што авторот вели, „Индијанскиот начин на живот бил тежок, но не постоеле проблеми со вработувањето, хармонијата во заедницата била силна, злоупотребата на супстанции непозната, криминалот практично непостоечки, ретките борби меѓу племињата биле главно ритуални и ретко доведувале до големи крвопролевања.“ Сите ја знаеме оваа шеќерна водичка. Така ги учиме нашите деца; слушаме на телевизија и во приказните. Бидејќи темата на оваа сесија е, „Сè што знаете е неточно“, ќе ви претставам докази дека овој конкретен дел од нашето заедничко сфаќање е погрешно: дека фактички нашите предци били многу понасилни од нас, дека насилството ебило во опаѓање веќе подолг временски период, и дека денес веројатно живееме во најмирниот период од постоењето на нашиот вид. Сега, во деценијата на Дарфур и Ирак, ваквата изјава би можела да се смета за некаде меѓу халуцинаторна и опсцена. Но ќе се обидам да ве убедам дека тоа и точната слика. Намалувањето на насилството е фрактален феномен. Се забележува во текот на милениумите, вековите, децениите и годините, иако се чини дека главната пресвртница е со почетокот на Рационализмот во 16от век. Ова се забележува ширум светот, иако невоедначено. Ова е особено се забележува на Западот, започнувајќи со Англија и Холандија за време на Просветлувањето. Дозволете да ве поведам на патување од неколку степени на 10 -- од размерот на милениум до размерот на година -- да се обидам да ве убедам во ова. До пред 10,.000 години, сите луѓе живееле како ловци и собирачи, без постојани населби или влада. Ова е состојба што обично се смета за исконска хармонија. Но археологот Лоренс Кили, анализирајќи ги стапките на смртност кај денешните ловци-собирачи -- нашиот најдобар извор на информации за ваквиот начин на живот -- води кон сосем поинаков заклучок. Еве еден негов график на кој што се гледа процентот на смртност кај мажите како резултат од борба во поголем број вакви општества. Црвените столбови соодветствуваат на веројатноста дека некој маж ќе биде убиен од некој друг маж, наместо да умре од природна смрт, во поголем број собирачки општества во висорамнините на Нова Гвинеја и амазонската џунгла. Тие се движат од стапка од скоро 60 проценти веројатност дека еден маж ќе загине убиен од друг маж, до, во случајот со Гебуси, само 15 проценти веројатност. Малиот син столб во долниот лев агол ја прикажува истата статистика од САД и Европа во 20от век, и ги вклучува сите смртни случаи во обете светски војни. Доколку стапката на смртност во племенските војни се задржала во текот на 20от век, би станало збор за две милијарди смртни случаи, наместо 100 милиони. Исто така, на размерот на милениум, можеме да го погледнеме начинот на живот на раните цивилизации како оние опишани во Библијата. Во овој наводен извор за морални вредности можеме да прочитаме што можело да се очекува во војна, како на пример следново од Броеви 31: „И тие војуваа продив Мидианитите кога Бог му нареди на Мојсие, и тие ги убија сите мажи. И Мојсие им рече, „Дали ги спасивте сите жени живи? Сега, затоа, убијте ги сите машки деца и убијте ја секоја жена што познала маж со тоа што спиела со него, но сите женски деца што не познале маж со тоа што спиеле со него, зачувајте ги за вас.“ Со други зборови, убијте ги мажите, убијте ги децата, ако видите девици тогаш може да ги оставите живи, за да можете да ги силувате. Во Библијата има четири или пет вакви пасуси. Исто така, во Библијата забележуваме дека смртната казна била вообичаената мерка за кривични дела како што се хомосексуалноста, неверството, богохулието, идолизирањето, пререкувањето на родителите -- (Смеење) -- и собирање прачки во сабота. Добро, да се спуштиме сега долу за еден ред величини и да погледнеме на размер на век. Иако немаме статистика за војните од Средниот век до современието, од конвенционалната историја знаеме -- доказите ни се пред нос дека има намалување во општествено прифатливите облици на насилство. На пример, знаеме дека сакатењето и мачењето како вообичаени облици на казнување на криминалците. За прекршоци за кои денес следи мала парична казна, во тогашно време би биле казнети со отсекување на јазикот, сечење уши, ослепување, отсекување рака, и така натаму. Постоеле голем број инвентивни облици на садистички смртни казни: горење на живи луѓе, вадење на цревата, извлекување на тркало, расчеречување со коњи, и така натаму. Смртната казна била санкција за голем број ненасилни дела: критикување на кралот, крадење векна леб. Ропството, се разбира, било претпочитаното средство за заштеда на труд, а свирепоста била популарна разонода. Можеби најживописен пример била практиката на горење мачки, при која мачката била носена на бина и врзана била спуштана во оган, при што публиката се смеела и кикотела, додека мачката, завивајќи од болка горела жива. Што е со обичните убиствата? Па, за тоа имаме добри статистики, бидејќи голем број општини ја заведувале причината за смртта. Криминологот Мануел Ејзнер ги има истражувано историските податоци ширум Европа за стапките на убиства во секое село, град и општина за кои што можел да најде податоци, а истите ги дополнил со национални податоци од времето кога државите започнале со водење статистика. Нив ги нанесол на логаритамски график, од 100 смртни случаи на 100,000 луѓе годишно, што е приближната стапка на убиства во Средниот век. Оваа бројка паѓа на помалку од едно убиство на 100.,000 луѓе годишно во седум или осум европски земји. Потоа има мало покачување во 1960те. Луѓето што тврдеа дека рокенролот ќе доведе до опаѓање на моралните вредности всушност имале право до некаде. Но, станува збор за намалување од скоро два реда величини во бројот на убиства од Средниот век до денес, а до клучна пресвртница доаѓа во раниот 16ти век. Да го погледнеме сега размерот на децении. Според невладините организации што водат ваква статистика, од 1945 година во Европа и Америка се бележи драстично намалување на бројот на војни меѓу државите, на смртоносните етнички судири или погроми, како и на воените удари дури и во Јужна Америка. Ширум светот, се забележува драстично опаѓање на бројот на жртви во војните меѓу државите. Жолтите столбови овде го прикажуваат бројот на смртни случаи по војна од 1950 година наваму. Како што можете да видите, бројот на жртви опаѓа од 65.000 жртви по конфликт по година во 1950те, до помалку од 2.000 смртни случаи по конфликт по година во текот на оваа деценија, колку и да е таа ужасна. Дури и на размер на година може да се забележи намалување на насилството. Од крајот на Студената војна избувнале помалку граѓански војни, помалку геноциди -- навистина, намалување од 90 проценти од највисоките вредности од повоенитениот период -- па дури и тренд спротивен на зголемувањето во убиствата и насилниот криминал од 1960те. Овие податоци се од Воедначената статистика за криминалот на ФБИ: можете да забележите дека има прилично ниска стапка на насилство во '50те и '60те потоа таа остварува голем подем во наредните децении, за да започне со оштар пад, почнувајќи во 1990те, враќајќи се скоро на нивото од 1960 година. Претседателе Клинтон, доколку сте овде, ви благодарам. (Смеа) Затоа, моето прашање е: зошто толку многу луѓе грешат за нешто олку важно? Мислам дека постојат повеќе причини. Една од нив е дека имаме подобро известување: „Асошиејтид прес подобро ги евидентира војните ширум Земјата отколку што тоа го правеле монасите од 16 век.“ Нам, когнитивните психолози, позната ни е следнава когнитивната илузија: колку ни е полесно да се сетиме за конкретен пример за нешто, толку поголема веројатност му припишуваме. Сликите од крвавите настани за кои што читаме во весниците ни се врежуваат во сеќавањето повеќе отколку вестите за многу повеќе луѓе што умираат од старост во својот кревет. Во пазарот на јавното мислење постои правило: никој никогаш не привлекол публика, поборници или донатори велејќи „се чини дека работите одат на подобро и подобро.“ (Смеа) во современиот интелектуален живот чувствуваме вина заради начинот на кој сме ги третирале домородците, која не ни дозволува да признаеме дека западната култура има било какви доблести. Исто така, се разбира, нашите промени во стандардите можат да ги претекнат промените во однесувањето. Една од причините за намалувањето на насилството е тоа што на луѓето им се има смачено крвопролевањето и свирепоста во нивното време. Тоа е процес што се чини дека продолжува, но доколку го претекне однесувањето според стандардите на денешницата, работите тогаш изгледаат поварварски отколку што би биле според историски стандарди. Затоа денес, се вознемируваме -- и тоа со право -- доколку над неколку убијци се изведе смртна казна во Тексас по истекот на 15 годишен апелациски процес. Ние не земаме предвид дека пред неколку стотици години тие би биле живи изгорени заради критика на кралот, по судење што траело 10 минути -- и навистина, дека тоа би се повторувало одново и наново. Денес смртната казна ја сметаме за доказ за тоа колку ниско може да падне нашето однесување, наместо за тоа колку сме ги кренале нашите стандарди. Добро, зошто се намалило насилството? Никој не знае навистина, но имам сретнато четири објаснувања кои што помагаат во разбирањето. Првото е: можеби Томас Хобс бил во право. Тој има речено дека животот во природата бил „самечки, сиромашен, гаден, животински и кус.“ Не затоа што, тврди тој, луѓето имаат некоја исконска жед за крв, или агресивни инстинкти или територијален императив, туку заради логикта на анархија. При анархија луѓето се под притисок да го нападнат својот сосед, пред тој да ги нападне нив. Во поскоро време, Томас Шелинг дава аналогија за некој човек што слушнал звуци во визбата. Како добар Американец, тој го зел пиштолот и слегол по скалите. И што ќе види таму, ако не крадец со пиштол во раката. Обајцата си мислат, „Не сакам да го убијам човеков, но тој ќе ме убие мене. Можеби е подобро да пукам пред тој да пука во мене, особено бидејќи, дури и тој да не сака да ме убие, веројатно е уплашен дека јас ќе го убијам пред тој да ме убие.“ И така натаму. Луѓето што се ловци-собирачи експлицитно минуваат низ овој тек на размислување, и често ги напаѓаат своите соседи од страв дека тие ќе ги нападнат први. Еден начин за справување со овој проблем е преку обесхрабрување: не напаѓате први, но имате јавно објавена политикиа дека немилосрдно ќе возвратите доколку ве нападнат. Она што е важно е дека ваквата политика е изложена на проверка, така што функционира само доколку е кредибилна. За да стане таква, морате да се осветите за сите навреди да ги порамните сите сметки, што доведува до постојана крвна освета. Животот станува како мафијашки филм. Решението на Хобс, „Левиатанот“, беше дека доколку авторитетот за легитимна употреба на насилство биде доделен на единствена демократска агенција -- еден левиатан -- тогаш ќе се намали примамливоста за напад, бидејќи секоја агресија ќе се казни, со што користа од неа е нула. Тоа би ја отстранила потребата да нападнете превентивно од страв тие да не ве нападнат први. Исто така, се отстранува потребата за брза одмазда со цел да дадете кредибилитет на вашите закани. На тој, начин, ова би довело до мир. Ајзнер -- човекот што ги проучуваше стапките на убиства кои што не ги видовте во претходниот слајд -- сметаше дека почетокот на намалувањето на бројот на убиства во Европа се поклопува со подемот на централизираните држави. Ова дава одредена потврда на теоријата за левиатанот. Исто така, за поддршка служи и фактот дека денес гледеаме ерупција на насилство во зоните на анархија: во пропаднатите држави, урнати империи, регионите на границите, мафиите, уличните банди и така натаму. Второто објаснување е дека во многу места и времиња постои раширено убедување дека животот е евтин. Порано, кога страдањето и раната смрт биле вообичаени во секојдневниот живот, на луѓето не им паѓало многу тешко истите да им ги нанесат на други. Со напредокот на технологијата и економската ефикасност животот станува подолг и попријатен, со што тој станува повреден земено воопшто. Ова е аргументот на политичкиот научник Џејмс Пејн. Трето објаснување почива на концептот „игра со ненулта сума,“ што новинарот Роберт Рајт го има разработено во книгата Не-Нула. Рајт укажува на тоа дека во одредени околности соработката, вклучувајќи го и ненасилството, може да им користи на обете страни при нивниот контакт, како при користа од трговија, кога две страни ги разменуваат своите вишоци и обете користат, или пак кога две страни ќе го положат оружјето и поделат придобивките од мирот што произлегуваат од тоа што не мораат постојано да се борат. Рајт тврди дека технологијата го има зголемено бројот на игри со позитивна сума во кои што луѓето често се впуштаат со овозможување на размена на стоки, услуги и идеи преку поголеми далечини и меѓу поголеми групи луѓе. На тој начин, другите луѓе вредат повеќе живи отколку мртви и насилството опаѓа од себични причини. Како што вели Рајт, „Меѓу многуте причини заради кои што сметам дека не би требало да им фрлиме бомби на јапонците е тоа што тие ми го имаат направено возилото.“ (Смеа) Четвртото објаснување е илустрирано во насловот на книгата „Кругот што се шири“, од филозофот Петар Сингер, кој тврди дека еволуцијата ги обдарила луѓето со чувство на емпатија: способност да се однесуваат со интересите на останатите слично како што се однесуваме кон сопствените. За жал, по правило ние тоа го правиме само со мал круг на пријатели и семејство. Луѓето надвор од тој круг ги третираме како да не се сосем луѓе, како да можеме неказнето да ги експлоатираме. Но со текот на времето, овој круг постојано се шири. Преку историските податоци можеме да видиме како се шири од село, до клан, до племе, до народ, до други раси, до обата пола и, како што тврди Сингер, нешто што ќе го прошириме на сите сетилни битија. Прашањето е, доколку ова се има случено, што е она што влијае на ваквото проширување? Постојат поголем број можности. Ширечки кругови на реципроцитет во смисол на аргументите на Роберт Рајт. Логиката на златното правило: колку повеќе размислуваме за другите луѓе и контактираме со нив, толку повеќе сваќаме дека е невозможно да го одбраниме привилигирањето на сопствените интереси во однос на нивните, барем не доколку сакаме да не слушаат. Ако некој тврди дека неговите интереси се специјални во споредба со туѓите, тоа е како да вели дека местото на кое што стои во моментот е специјален дел од универзумот затоа што тој тогаш се наоѓа таму. Тоа може исто така да биде водено од космополитанизмот: преку историите и новинарството и мемоарите и реалистична белетристика и патувањата и писменоста, што овозможува да се префрлиме во животите на другите луѓе кои што порано можеби би ги третирале како пониски од луѓе, и исто така да ја увидиме случајноста на сопственото место во животот; за улогата на среќата во животните околности. Што и да е причината, намалувањето на насилството има далекусежни последици. Треба да се запрашаме не само „Зошто има војна“ туку и „Зошто има мир?“ Не само „Што не чини што правиме?“ туку и „Што правиме што чини?“ Бидејќи доколку сме направиле нешто како што треба, навистина би било добро да дознаеме што е тоа. Ви благодарам многу. (Аплауз). Крис Андерсон: Уживав во предавањето. Мислам дека многумина овде би рекле дека ширењето на -- она за што зборувавте, за кое што зборува Петер Сингер, е резултат на технологијата, преку поголемата видливост на другите и на чувството дека светот се намалува. Дали има малку вистина и во ова? Стивен Пинкер. Многу. Се вклопува и во теоријата на Рајт, дека ни овозможува да уживаме во придобивките од соработката во поголеми и поголеми кругови. Но, исто така, мислам дека ни помага да замислиме што значи да се биде некој друг. Кога човек чита за ужасните измачувања вообичаени во Средниот век, си мисли, како можеле да прават такви работи, како можеле да не сочувствуваат со луѓето што им ги ваделе цревата? Но, јасно е дека, што се однесува до нив, тие биле други суштества што немаат чувства како нивните. Било што, сметам, што ни овозможува да замислиме како ги менуваме местата со некој друг доведува до подобрување на нашиот моралниот однос кон тој човек. КА: Добро, Стив, би сакал во текот на наредната година секој сопственик на новински медиум да го чуе ова предавање. Мислам дека е навистина важно. Ви благодарам многу. СП: Ми беше задоволство.