Здраво. Јас сум Камерон Расел, и во последно време сум модел. Всушност, веќе 10 години. Чувствувам непријатна напнатост во просторијава сега, затоа што не требаше да го облечам овој фустан. (Смеа) За среќа, донесов облека за преоблекување. Ова е првото преоблекување на облека на сцената на ТЕД, па, мислам дека имате доста среќа што можете да го проследите тоа. Доколку некои од жените беа навистина ужаснати кога излегов, не мора да ми го кажете тоа сега, но ќе дознаам подоцна на Твитер. (Смеа) Исто така, би сакала да забележам дека сум доста привилегирана поради тоа што можам да го променам вашето мислење за мене во помалку од 10 секунди. Не добива секој таква можност. Овие потпетици се многу неудобни, па добро е што не мислев да ги носам. Најлошиот дел е провлекувањето на овој џемпер преку мојата глава, затоа што тоа е моментот кога ќе ми се смеете, па не правете ништо додека не го облечам. Во ред. Па, зошто го направив тоа? Беше чудно. Па добро, се надевам дека не беше толку чудно како ова на сликава. Впечатокот е моќен, но исто така, впечатокот е површен. Јас само што го променив вашето мислење за мене во шест секунди. На оваа слика, јас, всушност и никогаш сум немала момче во вистинскиот живот. Многу ми беше неудобно, а фотографот ми велеше да го истакнам грбот и да ја ставам мојата рака во косата на дечкото. И секако, освен со операции, или со лажниот тен кој го добив два дена претходно поради работата, постојат многу малку работи кои можеме да ги направиме за да го промениме нашиот изглед и тоа како изгледаме, иако тоа е површно и непроменливо, сепак, има големо влијание врз нашите животи. Денес, за мене, да се биде бестрашен значи да се биде искрен. А јас сум на оваа сцена затоа што сум модел. Јас сум на оваа сцена затоа што сум убава, бела жена, а, во мојата индустрија, ние го нарекуваме тоа „секси девојка“. Ќе одговорам на прашањата кои луѓето постојано ме прашуваат, но, на искрен начин. Првото прашање е: „Како се станува модел?“ А, јас секогаш велам, „Ох, ме открија.“, но тоа не значи ништо. Вистинскиот начин на кој станав модел, е тој што победив на генетичката лотарија, и сум добитник на наследство. А, вие можеби се прашувате што е тоа „наследство“? Па, во последните неколку векови, ние ја дефинираме убавината, не само како здравје и младост и симетрија на кои сме биолошки програмирани да се воодушевуваме, туку, исто така и како високи, слаби фигури, окарактеризирани со женственост и бела кожа. А тоа е наследството кое е изградено за мене и кое јас ќе го продолжам. Знам дека постојат луѓе во публиката кои се скептични во врска со ова, а можеби и постојат некои следбеници на модата, кои си велат, „Чекај малку. Наоми, Тајра, Џоен Смолс, Лу Вен...“ Прво, ви честитам на вашето познавање на моделите. Доста импресивно. (Смеа) Но, за жал, морам да ве известам дека во 2007., доста инспиративен студент на докторски науки на Универзитетот на Њујорк, ги изброи сите модели на пистата, секој модел кој беше најмен и од сите 677 модели кои беа најмени, само 27, или помалку од 4%, не беа бели. Следното прашање кое луѓето секогаш ме прашуваат е: „Може ли и јас да бидам модел кога ќе пораснам?“ А мојот прв одговор е: „Не знам, не сум јас одговорна за тоа.“ Но, мојот втор одговор, и тоа што навистина сакам да им го кажам на овие малечки девојчиња е: „Зошто? Знаете... можете да бидете било што. Можете да бидете претседател на САД, или изумителот на следниот Интернет, или нинџа-кардио-торакален-хирург-поет, што би било неверојатно, затоа што би биле првиот.“ (Смеа) Доколку и покрај овој неверојатен список, тие сѐ уште ми велат: „Не, не, Камерон, сакам да бидам модел!“ тогаш им велам: „Биди мојот шеф.“ Затоа што јас не сум задолжена за ништо, а ти можеш да бидеш главниот уредник на американскиот „Вог“, или главниот извршен директор на „Ејч енд ем“, или следниот Стивен Мејзел. Велејќи дека сакаш да бидеш модел кога ќе пораснеш, е исто што и да велиш дека сакаш да освоиш на лотарија кога ќе пораснеш. Тоа е надвор од твојата контрола, и е прекрасно, но, не е работа од која можеш да изградиш кариера. Сега, ќе ви претставам 10 години од насобраното знаење за модели, затоа што, за разлика од тоа на кардио-торакалните хирурзи, може да биде дестилирано во ... токму сега. Значи, ако фотографот е тука, а светлото е тука, а, клиентот вели: „Камерон, сакаме кадар каде чекориш.“ тогаш, оваа нога оди прва, фина и долга, оваа рака оди назад, оваа рака оди напред, главата е свртена за три четвртини, а вие само одите напред-назад, го правите само тоа, и погледнувате назад кон своите замислени пријателчиња, некои 300, 400, 500 пати. (Смеа) Тоа би изгледало слично на ова. (Смеа) Се надевам помалку чудно отколку тоа во средината. Тоа беше... не знам што се случи тука. За жал, откако веќе сте посетувале училиште, имате резиме и сте изработиле неколку работи, веќе не можете ништо да кажете, па доколку кажете дека сакате да станете претседател на САД, а во вашето резиме пишува: „Модел за долна облека, 10 години“ луѓето ве гледаат чудно. Следното прашање, кое луѓето секогаш ме прашуваат е: „Дали ги ретушираат сите фотографии?“ Да, ги ретушираат речиси сите фотографии, но тоа е само мал дел од тоа што се случува. Оваа фотографија е првата која некогаш ја имам направено, а исто така, тука за прв пат носев бикини, а сѐ уште немав добиено. Знам дека станува доста личнo, но јас бев мало девојче. Тука можете да видите како изледав со мојата баба, само неколку месеци претходно. Тука сум јас на истиот ден како и на оваа фото-сесија. Мојата пријателка дојде со мене. Тука сум јас на забава со преспивање неколку дена пред да се сликам за францускиот „Вог“. Тука сум јас во фудбалскиот тим и во „Ви Магазин“. А, тука сум јас денес. Се надевам дека тоа што го гледате е тоа дека овие фотографии не се мои. Тие се конструкции, конструкции направени од страна на група професионалци, фризери, шминкери, фотографи и стилисти и сите нивни асистенти и пред-продукција, и пост-продукција, тие го имаат изградено ова. Тоа не сум јас. Во ред, следното прашање кое луѓето секогаш ми го поставуваат е: „Дали добиваш бесплатни работи?“ Имам премногу потпетици високи 20см кои никогаш не стигнувам да ги носам, освен тие пред малку, но, бесплатните работи кои ги добивам се бесплатните работи кои ги добивам во вистинскиот живот, а тоа е она за кое не сакаме да зборуваме. Пораснав во Кембриџ, и еднаш отидов во продавница, а ги заборавив моите пари, па ми го дадоа фустанот бесплатно. Кога бев тинејџерка, се возев со мојата другарка која беше ужасен возач, помина на црвено и секако нѐ застанаа, а, сѐ што беше потребно, беше едно „Жал ми е, полицаецу“, за тој да не пушти. Ги добивам сите овие бесплатни работи поради тоа како изгледам, а не поради тоа која сум, додека постојат луѓе кои ја плаќаат цената за тоа како тие изгледаат, а не за тоа кои се. Живеам во Њујорк и минатата година од 140.000 тинејџери кои биле застанати и претресени, 86% беа црни и латино, и поголемиот дел од нив беа млади момчиња. А има само 177.000 млади црни и латино мажи во Њујорк, па, за нив прашањето не е: „Дали ќе ме запрат?“, туку, „Колку пати ќе ме запрат? Кога ќе ме запрат?“ Кога истражував за овој говор, дознав дека од 13 годишните девојчиња во САД, 53% не го сакаат своето тело. Додека, тој број се зголемува до 78% до времето кога ќе наполнат 17. Така, последното прашање кое луѓето ми го поставуваат е: „Како е да се биде модел?“ Мислам дека одговорот кој тие го бараат е: „Ако сте малку послабички и имате сјајна коса, ќе се чувствувате многу среќно и извонредно.“ Кога сме зад сцената, ние даваме одговори од кои можеби се чини дека е така. Ние велиме: „Прекрасно е да се патува, и прекрасно е да се работи со луѓе кои се креативни, кои инспирираат и се посветени на својата работа.“ Тие работи се вистинити, но ја преставуваат само едната половина од приказната, затоа што, тоа што никогаш не го кажуваме пред камера, тоа што јас никогаш го немам кажано пред камера, е: „Јас сум несигурна.“ Јас сум несигурна бидејќи морам да мислам на тоа како изгледам секој ден. И доколку некогаш се прашувате, „Ако имам потенки бутови и посјајна коса, ќе бидам ли посреќна?“ тогаш, морате да запознаете група модели, затоа што тие ги имаат најтенките бутови и најсјајната коса и најубавата облека, но и покрај тоа, тие веројатно се физички најнесигурните жени на планетата. Па, кога го пишував овој говор, ми беше доста тешко да постигнам искрена рамнотежа, затоа што од една страна, се чувствував доста непријатно да дојдам тука и да речам: „Гледајте, ги имам сите овие придобивки поради шпилот карти поделен во моја корист.“ но, исто така, се чувствував доста непријатно да го проследам тоа со: „Не секогаш тоа ме прави среќна.“ Но, најмногу од сѐ, ми беше тешко да го претставам наследството на полова и расна обесправеност, кога јас сум една од тие кои најмногу добиваат со тоа. Но, јас сум среќна и почестена што сум тука и сметам дека е одлично што имав можност да дојдам пред да поминат 10, 20 или 30 години, кога би поминал поголем дел од мојата кариера, затоа што тогаш, можеби и не би ја раскажала приказната за тоа како ја добив мојата прва работа, или можеби не би ја раскажала приказната за тоа како платив за школување, што се чини доста важно во моментов. Доколку постои некој заклучок од овој говор, се надевам дека тоа е што сите се чувствуваме попријатно да ја признаеме моќта на впечатокот на нашите забележани успеси и нашите забележани неуспеси. Ви благодарам. (Аплауз)